„Во пресметката за минималната синдикална кошничка до август минатата година има седум елементи и на тоа се повикуваме ние во делот на креирање на политики, а и медиумите се повикуваа на тие информации. Во секој елемент од јануари до јули има зголемување на цените и износот во сите седум елементи, односно инфлација. Но од осмиот месец инфлацијата се пресметува два пати“ рече министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција.

Тој додаде дека од август минатата година во минималната синдикална кошничка инфлацијата, односно поскапувањата се пресметуваат во секој елемент поединечно, каде што има покачување на цените, но и како поединечен елемент за трошоци за живот, односно инфлација.

„Ова значи дека инфлацијата е пресметана два пати во методоголијата која се објавува од страна на синдикатот и овие бројки не треба да се земаат предвид од осми месец наваму“ рече Бектеши.

Министерот додаде дека со 2,1 плати може да се покрие минималната синдикална кошничка, што е подобрување доколку се направи споредба со претходните години.

„Ако во 2012 година требале 3,9 минимални плати, во 2013 и 2014 четири минимални плати, од 2017 до денес имаме само надолен тренд. Доколку се погледнат бројките и податоците за месец март, убеден сум дека ќе ни требаат под две минимални плати за покривање на минималната синдикална кошничка“ рече Бектеши.