Христијан Мицкоски гради лажен патриотизам дома, додека молчи за средбите што ги оствари со бугарските државници, претседателот Румен Радев и премиерот Димитар Главчев во Вашингтон за време на НАТО Самитот.
На брифинг со новинарите, претседателот на СДСМ Венко Филипче зборуваше за катастрофалниот начин на кој владата на ВМРО-ДПМНЕ ја води надворешната политика и за загрозената позиција на земјата во поглед на клучните прашања поврзани со нејзината евроинтеграција.
„Мицкоски има исправена кичма само за да гради лажен патриотизам дома. Во странство, во НАТО, пред бугарскиот врв очигледно си молчи. Имаше две средби со Радев и Главчев, и од двете средби ништо не кажа, а тие јасно кажаа дека обврските остануваат. Тој на тие средби не побарал ништо од тоа што го кажува дома“, истакна Филипче.
Дополнително, вели Филипче, Мицкоски не само што не работи на сметка на државата, туку напротив ја изложува на потчинетост и економска зависност од Унгарија. Ова, потенцира Филипче, се коси со предизборната реторика на ВМРО-ДПМНЕ дека Македонија е суверена држава која самостојно одлучува.