Демант и реакција на Агенција Рејтинг на соопштенијата и прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ:
Агенција Рејтинг е професионална компанија за истражувања и комуникации која 15 години успешно работи на пазарот во Македонија, регионот и Европа. Секојдневните прес-конференции и соопштенија на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, со кои се оцрнува агенцијата без никаква основа, се срамен и недозволив чин за политичка хајка врз приватна компанија.
Агенција Рејтинг во своето петнаесет годишно искуство, има соработувано на проекти со политички партии и институции, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ. Сите проекти кои ги има реализирано се спроведени на професионален начин во целосно транспарентни постапки.
Оттука, оваа хајка за нас е неразбирлива и недозволива, за што правниот тим на компанијата ќе ги преземе сите правни дејствија да го заштити сопствениот углед.
Во соопштенијата и прес-конференциите се изнесени лаги и неточни информации за компаниите во сопственост на извршниот директор на Агенција Рејтинг, Никола Спасов.
Сакајќи намерно да го оцрни личниот углед на Спасов, ВМРО-ДПМНЕ пласира дезинформации за компанијата Гама Солар, каде Спасов има малцинско учество во капиталот на компанијата, а не доминантна сопственост. Компанијата Гама Солар, преку кредитирање на инвестицијата вложува во приватниот сектор, како и секоја друга компанија, а ваквото оцрнување нанесува штети и по угледот на останатите сопственици.
Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ лаже дека по експресни постапки се добиени дозволи, нешто што беше демантирано од Агенцијата за енергетика во чија надлежност е издавањето на лиценци.
ВМРО-ДПМНЕ на крајно перфиден начин, со лаги и манипулации, се обидува да создаде впечаток дека агенцијата и директорот Спасов се стекнале со некаков милионски имот или бизнис на нелегален начин, што е бесрамна лага и манипулација. Ниту агенцијата, ниту сопственикот Спасов, не располагаат со милионски бизнис, а сите приходи и работењето на агенцијата е целосно согласно законот.
Со оглед на фактот дека „правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото” се уставно загарантирани темелни вредности, со ваквите прес-конференции ВМРО-ДПМНЕ од позиција на власт со умисла упатува суптилни закани врз приватно правно лице.
Агенција Рејтинг бара од сите релевантни институции, да реагираат на оваа очигледно организиран медиумски прогон на ВМРО-ДПМНЕ кон приватна компанија и сопственикот Спасов. Овој преседан е закана слободното работење на компаниите.