Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Социјалистичка Република Виетнам, До Хоанг Лонг.
На средбата се разговараше за билатералните односи меѓу двете земји кои ги поврзува долгогодишно пријателство и беше изразен поттик за натамошно унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка во повеќе области.
Соговорниците како една од приоритетните сфери на билатералната соработка ја посочија економијата и изразија интерес за нејзино унапредување преку преземање на конкретни економски активности и проекти, како што се формирање на Мешовита економска комисија, организирање економски семинар во Скопје од страна на амбасадата на Виетнам во насока на промоција на трговијата и инвестициите меѓу двете држави.
На средбата се разговараше и за проширување на билатералната соработка и во областите на културата, туризмот, во образованието и науката, преку размена на студенти и визитинг професори, како и за проширување на договорната рамка во сферата на образованието и науката, како и во соработката меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји.
Двајцата соговорници констатираа дека постои добра соработка на мултилатерален план и изразија очекување таа соработка и меѓусебна поддршка во меѓународните организации да продолжи, особено во рамките на ОН и во Меѓународната организација на Франкофонијата.