Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за мир во Украина, што се одржува во Швајцарија денеска оствари средба со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда.
На средбата беа разменети мислења за билатералните односи, за состојбите во регионот, европските интеграции и за глобалните безбедносни предизвици, како и соработката на двете држави како сојузнички во НАТО.
Соговорниците изразија задоволство од одличната соработка воспоставена на традиционално пријателство и констатираа дека двете држави споделуваат врска создадена во текот на три децении соработка, меѓусебна почит, доверба и разбирање. Беше посочено дека оваа година славиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, што е доказ за трајно партнерство и заедничките вредности.
Претседателката ја поздрави недвосмислената поддршка од Полска на долгиот македонски пат кон ЕУ.
Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи важноста од континуираната и отворена поддршка на Полска на македонскиот евроинтеграциски пат и упати благодарност за досегашната поддршка, посочувајќи дека полските искуства ќе ни бидат од голема корист за пристапниот процес кон ЕУ. Таа нагласи дека недвосмислено сме посветени на агендата за интеграција во ЕУ и во тој контекст изрази очекување за силна поддршка од меѓународните партнери и институциите на ЕУ за да се осигураме дека процесот на нашето членство ќе продолжи непречено.
Претседателката Сиљановска Давкова порача дека е клучно европската перспектива на земјите кандидати да не биде попречувана од вето поради ирационални билатерални прашања, туку процесот треба да се води исклучиво низ призмата на исполнување на копенхагенските критериуми.