Македонија нема да испраќа војници во Украина, посочи министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Таа не можеше да открие каква воена опрема се испраќа до воените жаришта во Украина, ниту да каже што стои во класифицираното барање испратено до повеќе земји, меѓу кои е Македонија.

„Одлука за испраќање војници во Украина нема и нема да има. Ние сме членка на НАТО, сите одлуки ќе ги почитуваме. Досега се придружвиме на санкциите што беа изречени од ЕУ. Доделивме воена опрема и вооружување во согласност со барањето на украинските власти. Нивното барање беше класифицирано, така што и нашата одлука е класифицирана. Дадовме информација бидејќи сакавме да бидеме транспарентни. Помошта е во согласност со барањата. Со донацијата не се намалуваат вооружувањето и капацитетот на нашата Армија“, посочи Петровска.

Прашана дали одговоривме во целост на барањата, министерката рече: „Листата е долга, испратена до сите. Она на кое ние можевме да одговориме, одговоривме“.

Во однос на примање бегалци, Петровска додаде: „Се разгледуваат капацитетите и се гледа што може да се направи за примање бегалци. Засега бегалски бран кон нас нема, но ќе понудиме капацитети во рамките на нашите можности. Првин треба да знаеме кои граѓани би се упатиле кон нас, но во секој случај капацитетите што се користеа претходно, сега се проверуваат во каква состојба се. Владата ќе излезе со подетаљни информации“.