„Македонија мора да биде европска земја и нема друг начин како да се направат вистински и опипливи промени дома. Мора да имаме повисок стандард, подобри услови во здравство, европско образование и конечно, да се избориме со корупцијата и да воспоставиме владеење на правото во сите сфери“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на митингот во Неготино.

Тој додаде дека за да се постигне тоа, клучна и суштинска е поддршката од ЕУ и секој оној кој го кажува спротивното или не знае, или не ја познава материјата доволно или пак лаже, сее магла и замајува.

„Тешките одлуки значеа компромиси и внимателно водење на процесот на членство на Македонија во НАТО. Тешките одлуки ги почувствуваа граѓаните и со справувањето со економската и енергетската криза кои го зафатија светот. Со над 2,6 милијарди евра успеавме да ги заштитиме граѓаните и бизнисите, да ја зачуваме македонската економија на стабилно ниво, истовремено зголемувајќи ги платите и пензиите. И тоа не е мала работа. Гледавме како поголеми и поразвиени земји од Македонија едвај врзуваа крај со крај“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека владата предводена од неговата партија донесе и тешки одлуки со кои се неутрализираа ефектите од енергетската и економската криза.

„Кога се случи енормното зголемување на цените на струјата, додека ВМРО-ДПМНЕ од страна кажуваа што треба и како треба да се прави, економскиот тим на владата посветено работеше и речиси и да не се почувствува ценовниот шок на сметките на граѓаните. Згора на тоа, кога се зголемија трошоците во екот на економската криза, со брза и одлучна реакција, успеавме да ги зголемиме и платите и пензиите и другите социјални трансфери“ рече Ковачевски.