Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вчера повика на обединување на сите прогресивни сили, со цел земјава да не се врати во изолација, како во минатото.

-Ние повикуваме на обединување на сите прогресивни сили кои што се за програмата предложена од нас која што програма ги има апсертирано и ги има наведено сите грешки кои што биле направени во изминатите 7 години, изјави Ковачевски во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ.

Ковачевски посочи дека СДСМ има многу јасен план за тоа каде треба да се движи државата на сите полиња, од економски, владеење на правото, борба против корупција, грижа за млади, грижа за сите, зголемување на пензии, зголемување на минималната плата, на просечната плата.

-Ние докажавме дека можеме да работиме да има зголемување на минималната, на просечната плата. Кои се зголемени минималната за три пати, просечната скоро двојно, пензиите се зголемени за просечно 55 проценти и затоа и предвидуваме уште поголемо зголемување и на минималната плата и на просечната плата, истакна Ковачевски

Од заробена држава, денес преговараме со ЕУ на македонски јазик, како Македонци со македонски идентитет, вели Ковачевски.

-Ако не беше СДСМ, Македонија немаше да биде демократска држава, бидејќи демократијата во Македонија ја врати СДСМ во 2016 година, од заробена држава денес имаме преговарачка рамка со чист македонски јазик, преговараме со ЕУ на македонски јазик, порача Ковачевски.

-Ние бевме држава со заробени медиуми. Заробена држава по сите извештаи и држава без препорака за членство во ЕУ. Подоцна станавме благодарение на СДСМ и одлуките кои што ги донесовме и тешкиот Преспански договор, земја членка на НАТО. Потоа станавме земја која ги отвори преговорите со ЕУ, повторно заради СДСМ и одлуките кои што ги донесовме и тоа после 17 години чекање, рече Ковачевски.

Во интервјуто, Ковачевски посочи дека и покрај тоа што многумина не веруваа дека македонскиот јазик ќе биде заштитетн, денес имаме преговарачка рамка со ЕУ на чист македонски јазик.

-Бевме изложени на хистерија ширена од многу центри пред се од опозицијата дека ќе сме го изгубеле јазикот, идентитетот културата, што се покажа како апсолутно неточно. Денес имаме преговарачка рамка со чист македонски јазик, преговараме со ЕУ на македонски јазик, како македонци со македонски идентитет.На крајот на денот сите работи ќе станат јасни, многу македонци не веруваа дека ќе влеземе како македонци во ОН, благодарение на Киро Глигоров ние сме македонци со македонски јазик во ОН. Многу македонци не веруваа заради таа иста хистерија дека во НАТО ќе влеземе како македонци со македонски јазик, во НАТО влеговме како македонци со македонски јазик, потенцираше Ковачевски.