„Во текот на вчерашниот ден имавме состанок со претставници на најголемите ланци на маркети, разговаравме за кризата која што полека но сигурно, барем сега како што стојат работите, завршува. Ги анализиравме ефектите од кризата и заеднички дефиниравме цели кои што заеднички треба да ги исполниме. Една од тие цели е да во јули месец, годишната стапка на промена на цените на основните прехранбени производи не биде поголема од 3 проценти, односно да биде под 3 проценти“, вели претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Премиерот Мицкоски истакна дека се согласиле сите, но ќе мора да оствари и средба со производителите, дистрибутерите и добавувачите, а потоа сите заеднички да седнат на маса и да донесат заедничко решение кое ќе биде за доброто на граѓаните.

„Се сложивме сите. Се разбира за ова да се реализира потребно е да направиме еден ваков ист состанок со производителите, дистрибутерите и добавувачите. Тоа ќе се случи во наредниот период и потоа сите заедно ќе седнеме на маса и сите заедно ќе бидеме општествено одговорни, затоа што граѓаните мора да добијат најдобра услуга и најквалитетни производи по оптимално најниски цени. Тоа е она кое што е заедничка цел. И тоа е она кое што вчера го разговаравме на состанокот и тоа е она за кое што се сложивме. Така што, ние како влада остануваме да бидеме посветени во насока на изнаоѓање на системски решенија со кои што инфлацијата, генерално на основните прехранбени производи ќе се движи на ниво од под 3 проценти. Да речеме во мај месец беше 4,5 или 4,7 проценти, ако тоа се спореди со соседството, Грција е над 5 проценти, Бугарија е над 6 проценти, Романија е над 8 процени, истото е и со Косово, Хрватска итн. Нешто помалку помеѓу 3 и 4 е Србија и Албанија. Нашата цел е во јули да почнеме со под 3 проценти годишна промена на цените на основните прехранбени производи и оваа задача си ја поставивме и ние како влада, но и сопствениците би рекол претставниците на најголемите на маркети во Македонија“, дециден е Мицкоски.