Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека извршило други полови дејствија врз 16-годишно девојче, казниво според член 186 став 7 во врска со став 5 и став 1 од Кривичниот законик.

На 18 јуни, додека жртвата се движела по пешачката патека покрај реката Брегалница во Штип, осомничениот започнал да ја следи. Девојчето, чувствувајќи се непријатно, седнало на клупа, очекувајќи дека тој ќе продолжи да се движи. Но осомничениот седнал до неа и започнал да ја вознемирува и принудува на други полови дејствија. Оштетената исплашена го оттурнала од себе и избегала.

Поради опасност од бегство, оправдан страв дека осомничениот ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичното дело и дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз оштетената или дека ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.