Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска, заедно со амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Михалис Рокас и постојаниот претставник на програмата за развој на Обединетите нации (УНПД) Армен Григоријан, извршија увид во активностите за воспоставување на граничниот премин „Маркова Нога“, каде во тек е реализацијата на проектот „Гранична станица Преспанско Езеро: Воспоставување на граничен премин меѓу Грција и Република Северна Македонија во областа на Преспанското Езеро“.

При посетата беше констатиран напредокот на активностите за реконструкција и опремување на граничната полициска станица, кои се реализираат во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка „Грција – Северна Македонија 2021-2027“, со финансиска поддршка од Европската Унија.

Министерот Тошковски истакна дека Министерството за внатрешни работи целосно ги става на располагање своите институционални капацитети за успешна реализација на проектот, кој претставува значаен чекор кон зајакнување на регионалната поврзаност и продлабочување на прекуграничната соработка.

фото МВР

„Овој проект, кој се реализира со поддршка на Европската Унија, е стратешки приоритет за Министерството за внатрешни работи во насока на зајакнување на регионалната поврзаност, продлабочување на прекуграничната соработка и поддршка на европските интегративни процеси. Отворањето на овој граничен премин претставува значаен чекор во насока на јакнење на капацитетите за гранична безбедност и контрола, преку воспоставување на современи и ефикасни механизми за надзор и управување со границата во согласност со европските стандарди“, истакна министерот Тошковски.

На средбата беше нагласено дека отворањето на граничниот премин „Маркова Нога“ ќе придонесе за интензивирање на економската, туристичката и културната соработка меѓу двете држави, како и за подобрување на комуникацијата и секојдневната поврзаност на локалното население од двете страни на границата.

Соговорниците оценија дека проектот има особено значење за развојот на Преспанскиот регион и претставува конкретен пример за успешна европска поддршка во унапредувањето на добрососедските односи и регионалната соработка.

Воспоставувањето на граничниот премин „Маркова Нога“, по повеќе децении од неговото затворање, претставува важен симбол на доверба, соработка и заедничка визија за поврзан и просперитетен регион, во согласност со европските вредности и стандарди.

фото МВР