Интегрално обраќање на премиерот Христијан Мицкоски во Собранието:
„Почитуван претседател на Собранието,
Почитувани пратеници,
Почитувани граѓани,
Денес пред вас стојам со предлог за избор на двајца заменици министри, решение кое не е само кадровска одлука, туку дел од поширокиот процес на зајакнување на институциите, на враќање на довербата во државата и на градење систем кој работи во интерес на граѓаните.
Нашата обврска како Влада е да поставиме луѓе кои имаат знаење, интегритет и чувство за државна одговорност. Луѓе кои ќе работат посветено, професионално и чесно, во служба на државата и на сите граѓани.
Пред вас денес се два предлога кои се дел од таа визија.
Предлагам за заменик-министер во Министерството за одбрана да биде избран Адмир Шабани.
Министерството за одбрана е столб на националната безбедност и на нашата меѓународна позиција како држава членка на НАТО. Во време на сериозни безбедносни предизвици, во време кога светот се соочува со нови ризици и нестабилности, нашата држава мора да има институции кои се силни, професионални и подготвени да одговорат на секој предизвик.
Нашата Армија е гордост на државата. Таа е симбол на стабилноста, на професионализмот и на нашата евроатлантска определба. Затоа е важно во Министерството за одбрана да работат луѓе кои ќе придонесат за понатамошна модернизација на одбранбениот систем, за зајакнување на институционалниот капацитет и за продлабочување на соработката со нашите сојузници.
Убеден сум дека Адмир Шабани ќе даде значаен придонес во таа мисија.
Истовремено, предлагам за заменик-министер во Министерството за образование и наука да биде избран Дритон Сулејмани.
Образованието е темелот врз кој се гради иднината на секоја нација. Држава која инвестира во образование инвестира во сопствената иднина. Затоа реформите во образованието, модернизацијата на системот и создавањето услови за квалитетно образование за сите млади луѓе се врвен приоритет на оваа Влада.
Нашата цел е јасна, образование кое создава знаење, кое развива критичко размислување, кое ги подготвува младите за современиот свет и кое ја прави Македонија конкурентна и развиена држава.
Верувам дека Дритон Сулејмани со својата работа, енергија и посветеност ќе придонесе кон унапредување на образовниот систем и кон спроведување на реформите кои им се потребни на учениците, студентите и наставниот кадар.
Почитувани пратеници,
Оваа Влада има јасна мисија, да изгради функционални институции, да ја врати довербата на граѓаните и да ја движи државата напред.
Знаеме дека пред нас има многу работа. Но исто така знаеме дека само со силни институции, со чесни луѓе и со јасна визија можеме да изградиме држава со која ќе се гордеат идните генерации.
Верувам дека со заедничка работа ќе продолжиме да ја градиме стабилна, силна и успешна Македонија.
Ви благодарам.“
