Во изминатите година и половина наставниците ја добиваат потребната грижа од државата. Владата и Министерството за образование и наука обезбедија повисоки плати за 12% и тие ќе продолжат да растат во процент кој ќе зависи од степенот на инфлација. Договорот кој го потпишавме со СОНК предвидува во следните три години да има покачување помеѓу 7,5 до 10% годишно, додека во четвртата година покачување ќе биде помеѓу 10 и 12%.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска одговарајќи на пратенички прашања во Собранието на Македонија каде се дискутираше за економската стабилност на наставниците во минатото и денес.

„За разлика од порано кога наставниците беа приморани да штрајкуваат, денес немаат потреба од такво нешто бидејќи државата покажува вистинска грижа кон нив. Не само што има реален раст на платите, туку наставниците добиваат и можности за кариерен и професионален развој“, рече Јаневска.

Информираше дека за година и половина вложени се 700 илјади евра во развој на компетенциите на наставниците. Понуден е каталог со обуки за унапредување на различни вештини, со фокус на примената на вештачката интелигенција, но и на методи на подучување на учениците за читање со разбирање.

„Грижата ќе се зголемува, затоа што наставниците се најважната алка во воспитно – образовниот систем. Тие го пренесуваат знаењето, а без нив не може да се спроведе ниту еден закон или стратегија“, додаде Јаневска.