На денешната седница на Собранието посветена на пратенички прашања, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговараше на прашање посветено на изборот на в.д. државен јавен обвинител и очекувањата од сферата на обвинителството во идниот период. Мицкоски посочи дека од информациите кои ги има, процедурата за избор на државниот обвинител во Собранието треба да заврши за 2 месеци. Критериумите за избор, според Мицкоски, се донесени согласно Законот за јавно обвинителство усвоен од страна на претходната власт на СДСМ и ДУИ и со нив се забрани можноста професори, адвокати и истакнати правници да бидат бирани за државен јавен обвинител.

„Очекувам во рамките на овој период да се избере јавен обвинител и тој јавен обвинител да се зафати со темелна и напорна работа. Многу го чека. Во неформален разговор со колегите во Владата и институциите во овие година и половина, повеќе или помалку обесхрабрувачки за сите нас, имаше една појава во која институциите поднесуваат кривични пријави, а обвинителството молчи. И ако направите еден разговор со членовите на Владата и институциите, ќе видите дека станува збор за неколку стотици такви случаи. Ние што сме добро воспитани и не правиме естрада или не се обидуваме да правиме упад во домови наутро, пред децата на осомничените, па под превезот на истрага да снимаме со камери, како што беше некогаш, тоа не значи дека не се поднесени тие поднесоци. Логично е што граѓаните често пати и негодуваат“, посочи Мицкоски.

Мицкоски рече дека ги разбира граѓаните, но мора да се знае дека повеќе стотици такви предмети стојат во фиоки во обвинителството. Обвинителот треба да ја врати довербата во институцијата Јавно обвинителство, а потоа преку процесите и довербата во судовите.

„Се надевам дека кој и да биде јавен обвинител во иднина ќе се позанимава многу повеќе и подетално со ова. Ова е суштинската реформа. Не е суштинска реформа повисока плата, повисок буџет. Суштинска реформа е борбата за правда. Народот е жеден и гладен за правда и сака да види вистинска борба. Ние како влада не сме судска власт, не сме обвинители. Ние можеме да доставиме пријава. Од тој момент па натаму обвинителите и судиите се тие коишто обвинуваат и тие што судат“, рече Мицкоски.

Премиерот истакна дека не може да се очекува успех во кое било поле без силна правна држава.

„Ова е многу важно за периодот којшто следи, бидејќи голем дел од законите коишто се дел од реформската агенда, поврзани со интегрирањето во Европската Унија, ќе бидат пред вас. Дел од нив го поминале оној филтер на Венецијанската комисија. Еден таков е Законот за судски совет, којшто е веќе влезен во собраниска процедура и очекувам во една плодна дебата да се донесе. Потоа ќе се најде Законот за Совет на јавни обвинители, па Законот јавнообвинителска служба, за судска служба, отприлика еден сет од закони кои очекувам во јануари месец да се најдат овде во Собранието“, истакна Мицкоски и дополни дека како Влада се сложува со барањето на јавните обвинители и судиите за плановите на вработувања и унапредување да ги одобрува Советот на обвинители и Судскиот совет, а Владата да биде само информирана.

„Дадовме насока да се направи мапирање на потребите на судовите и јавните обвинителства за вработени кои се дел од службата, ИТ експерти, сметководители, технички асистенти итн. и врз основа на тоа мапирање ние како Влада да обезбедиме средства со буџет, да дополниме со ребалансот и тие да бидат пополнети. Сето она кое тие го бараат од нас ние го исполнивме“, кажа премиерот.

Претседателот Мицкоски, потсети на измените на Кривичниот законик кои се направија од страна на минатата влада, за да се обезбеди политичка амнестија за голем дел од поранешните функционери.

„Сега гледаме излегуваат и критикуваат ќе има можности за условни казни, па мали биле казните. Не. Направете компаративна анализа и ќе видите дека сме повторно поригорозни од сите земји од регионот. Не газиме на трула штица“, заклучи Мицкоски.