Основното јавно обвинителство Скопје врши истрага против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Во дрвен плакар на поткровјето од зградата во која живее, осомничениот 21-годишен скопјанец неовластено за продажба држел наркотична дрога – кокаин и марихуана.

При претресот на 4 јули, полициските службеници пронашле вкупно 4,79 грама кокаин и 25,01 грам марихуана, спакувани во повеќе помали пакувања наменети за препродажба. Кај осомничениот била пронајдена и дигитална вага со траги од наркотична дрога.

Надлежниот јавен обвинител до судијата за претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомниченото лице.