Владата досега обезбеди 242 милиони евра финансиска поддршка за домашните компании преку поволни кредити, а исплатата на средствата продолжува со нова транша од Централниот буџет кон Развојната банка.
Нови 45,2 милиони денари се префрлени за поддршка на инвестициите што ги реализираат домашните компании, со што продолжува реализацијата на владината мерка за поттикнување на приватниот сектор.
Вкупната поддршка досега достигна 14,9 милијарди денари, односно околу 242 милиони евра. За оваа намена во Буџетот се предвидени вкупно 250 милиони евра, а првата транша беше реализирана во март минатата година.
Средствата се обезбедени преку унгарската Експорт-импорт банка и се пласираат преку Развојната банка и деловните банки до домашните компании. Кредитите се одобруваат со каматна стапка од 1,95 проценти, рок на отплата до 15 години и грејс-период до три години.
Со оваа мерка Владата обезбедува финансиска поддршка за приватните инвестиции, поттикнувајќи нов инвестициски циклус и економски раст.