Во време на глобална економска криза растат платите и пензиите а стапката на невработеност има тренд на опаѓање. Отворање нови работни места е еден од врвните приоритети на СДСМ, една од клучните алки во борбата против невработеноста е Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, изјави на денешната прес-конференција, Санела Шкријељ, пратеничка од СДСМ.

Таа додаде дека за 2022 година, Оперативниот план е со буџет од 1,8 милијарди денари или околу 30 милиони евра, што е за пет милиони евра повеќе отколку за минатата 2021 година. Преку овој План ќе бидат опфатени речиси 15.000 лица а во фокусот ќе бидат ставени младите невработени лица до 29 години возраст.

Преку оваа мерка се доделуваат грантови од 5.000 евра за еден самовработен, односно 10.000 евра за двајца содружници за започнување на сопствен бизнис.

Шкријељ истакна дека за првпат се воведува мерката „Зелени инвестиции“ која опфаќа инвестиции во процеси кои овозможуваат создавање на зелени производи или услуги, ги намалуваат или елиминираат штетните влијанија врз околината, енергетска ефикасност на објектитe и воведување на обновливи извори на енергија.

За реализација на оваа мерка обезбедени се над 26 милиони денари, а со неа ќе се опфатат 312 лица.

Преку Оперативниот план за вработување досега се вработени десетици илјади граѓани и затоа оваа е една од мерките која е клучна за намалување на стапката на невработеност.

Продолжуваме со реализација на мерки и политики кои го штитат животниот стандард на граѓаните и обезбедуваат забрзан економски раст, изјави Шкријељ.