Руската армија денеска објави дека за првпат употребила суперсонични ракети во Украина, среде глобалната трка за набавка на вакво оружје, кое рускиот претседател Владимир Путин го нарекува непобедливо.

Портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков, изјави:

„На 18 март авионскиот систем ‘Кинжал’ со своите суперсонични балистички проектили уништи голем подземен склад со ракети и муниција на украинските воздухопловни сили кај местото Дељатин, во областа на Ивано-Франковск, во западна Украина“.

Видеото беше објавено и на „Твитер“. Го објави руското Министерство за одбрана, а на него е прикажано, како што се вели, уништувањето на украинскиот подземен бункер.