Буџетот за 2027 година претставува јасна потврда за определбата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да продолжи со одговорно управување со јавните финансии, да ја зајакнува економската стабилност, да создава услови за нови инвестиции и да го забрзува развојот на државата, со јасна цел економскиот напредок да се почувствува преку нови работни места, подобра инфраструктура, посилно стопанство и поголеми можности за граѓаните.

Капиталните инвестиции заземаат централно место во Буџетот, за кои се предвидени 40,8 милијарди денари, односно околу 663 милиони евра, средства кои што се наменети за реализација на проекти кои имаат долгорочно значење за економскиот развој и подобрувањето на инфраструктурата во државата.

Дополнително, преку Јавното претпријатие за државни патишта се планирани уште 18 милијарди денари инвестиции, од кои над 12 милијарди денари се проектирани за изградба на патните делници Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола, како дел од стратешките инфраструктурни коридори 8 и 10д.

Продолжува и реализацијата на автопатските делници Кичево–Охрид, Кичево–Букојчани и Скопје–Блаце, со што се создаваат услови за подобра поврзаност на регионите, побезбеден сообраќај, полесен транспорт на стоки и услуги и поголема конкурентност на македонската економија.

Посебно значајни се инвестициите во железничката инфраструктура, каде што за 2027 година се предвидени 6,2 милијарди денари, што претставува зголемување од 53,6% во однос на претходната година.

Продолжува изградбата на железничката делница Бељаковце–Крива Паланка, а се планираат и активности за делницата Крива Паланка–граница со Бугарија, како и изградба и опремување на заедничката железничка гранична станица Табановце и започнување на проектот за набавка на нови дополнителни локомотиви.

Паралелно со патната и железничката инфраструктура, продолжуваат и инвестициите во комуналните проекти, меѓу кои се и пречистителните станици во Скопје, Тетово и Битола, како и планираните активности во Велес, Штип и Виница.

За владината програма „Економски развој“ во 2027 година се планирани 9,7 милијарди денари, што претставува зголемување од 30,5% во однос на 2026 година, а средствата се насочени кон поддршка на инвестициските вложувања, привлекување на нови инвеститори и создавање подобри услови за раст и развој на домашните компании.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага секоја инвестиција, секој проект и секој потрошен денар да донесе реална вредност за државата и за луѓето, поради што успешноста на Буџетот нема да ја мериме само преку планираните средства, туку пред сè преку реализираните проекти, изградените патишта, модернизираната железница, новите инвестиции и работните места што ќе бидат отворени.

 

 

https://www.youtube.com/watch?v=Fbai3iQZDA0

фото ВМРО ДПМНЕ