Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска  оствари средба со амбасадорот на Европската Унија  во Република Северна Македонија,  Михалис Рокас.

Претседателот Гаши истакна дека Европската Унија за граѓаните на нашата држава не е само политички и економски блок, туку таа претставува посветеност на вредностите како демократија, владеење на правото, човекови права и солидарноста. Тој потенцираше дека покрај тоа што нашиот европски пат е тежок и макотрпен, Собранието посветено работи на усвојување на законите од реформаската агенда. Се работи на домашните реформи поврзани со поглавјата и законодавството на ЕУ, не само заради тоа што тие се дел од нашиот евроинтегративен процес, туку затоа што се неопходни за нашите граѓани и за нашата просперитетна иднина. Исто така, тој изрази очекување дека наскоро ќе започнеме процес на преговори кој ќе биде одржлив и кој ќе може да се спроведе со цел да нѐ доведе до полноправно членство, а притоа да бидат заштитени нашите интереси.

Амбасадорот Рокас истакна дека процесот на проширување на Европската Унија е актуелен и новите глобални геополитички случувања овозможуваат тој процес да биде забрзан. Тоа, додаде тој, ќе овозможи проширената Европска Унија подобро да одговори на новите геополитички предизвици.

Двајцата соговорници се согласија дека во следниот период Собранието на Република Македонија има главна улога во усвојување на законите од реформската агенда, кои се потребни за  натамошно напредување на земјата кон Европската Унија како и за поцелосно искористување на можностите кои се нудат од Планот за раст на ЕУ за Западниот Балкан.