Вчеравечер во паркот Ибни Пајко започна победничкиот карван на СДСМ и официјалното претставување пред граѓаните на кандидатот и актуелен градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов. Пред насобраните граѓани, покрај Шилегов, се претставија кандидатите за советници, а говор одржа и претседателот на Владата, Зоран Заев.

„Во Скопје 4 булевари се граделе истовремено само два пати, после земјотресот и денес. АСНОМ, Босна и Херцеговина, Никола Карев и Христијан Тодоровски Карпош денес се реалност која никој не може да ја избрише. Минатата година реконструиравме и градевме вкупно 21 улица. Ја нарековме Градежна офанзива бидејќи на толку сообраќајници во една сезона се работело повторно само 2 пати, по земјотресот и денес. Денес во Скопје за прв пат после повеќе децении се градат два нови мостови истовремено“, појасни Шилегов на настанот.

Видливи се заложбите на градската администрација во изминатите 4 години, со бројни активности поврзани со заштитата на животната средина, подобрување на инфраструктурата и создавање на функционален и хуман главен град.

Граѓаните паметат и се сеќаваат на едно не толку дамнешно време, пред не повеќе од 5 години, кога главна политика на тогашното градско раководство беа фонтани, споменици, криминал и непродуктивни трошења. Сега, сликата за главниот град е сосема различна.

Во обраќање кон кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, Шилегов порача дека Скопје не смее и нема да биде уште еден експеримент на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што Скопје не е сопственост на ниедна партија туку на граѓаните и ги повика сите негови противкандидати да не ги потценуваат граѓаните.

Покрај останатите проекти кои градот ги сработи изминатите 4 години, за следниот мандат се издвојува пробивањето на булеварот Македонија (Јужен Булевар), кој како ултрамодерна подземна сообраќајница, завршува со модерен кружен тек кај Нова Македонија. Наскоро ќе биде завршен и булеварот Словенија, кој ќе води до Волково и Ново Село, а ќе биде поврзан и со мостот на Љубљанска. Во центарот на градот се изведува и една од најголемите пешачки зони во Европа, која ќе се протега од Собранието до Т.Ц. Палома Бјанка и од Старата железничка станица до Бит пазар.

„Затоа драги мои, во следните 4 години ќе го заокружиме целосно процесот на решавање на сообраќајниот хаос во градот. Во првиот мандат започнавме храбро а во следниот ќе завршиме и ќе го решиме проблемот за следните 50 години!“, заврши Шилегов.