„Гужвите во автобусите на ЈСП се само доказ за неопходноста на тоа што градот започна да го прави – Бас рапид транзитот. Ние во моментов се водиме по автобуски линии направени во 1984 година. Град Скопје сега се вози според потребите на скопјани од тогаш“ кажа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во гостувањето на емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5.

Тој додаде дека со БРТ во центарот на градот ќе се реализира сообраќајно решение според кое од Собранието до „Палома Бјанка“ нема да има сообраќај и ќе се воспостави пешачка зона.

„Центарот на градот ќе биде квалитетно уреден, но ирационално би било да вложуваме таму пред БРТ, бидејќи не можеме да си дозволиме на ист потег да работиме 2-3 пати“ кажа Шилегов во врска со критиките дека не се реновира и уредува центарот на градот.

Тој додаде дека трамвајот на тркала, или Бас рапид транзит системот е означен како најзелен проект финансиран од Европската банка за развој во последните 30 години и дека во реализацијата на овој проект нема место за импровизации.