Први септември означува нови почетоци. Почеток на нови подвизи и нови успеси. Посебно среќен ме прави тоа што новата учебна година ја почнуваме со отворени училишта за учениците и сите ќе се грижиме така и да продолжиме. Им посакувам успешен почеток на учениците, родителите и старателите, на наставниците, професорите, стручните соработници и раководствата на сите училишта.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој на првиот училишен ден од учебната 2022-2023 година најпрво го посети новоизграденото основно училиште „Гоце Делчев“ во општина Илинден.

Тој ги повика учениците вредно да учат и да ги искористат сите можности за надоградување на знаењата и вештините, затоа што тоа се единствените вредности кои никој не може да им ги одземе а кои можат да ги однесат до посакуваните цели во животот.

„Ние како министерство, заедно со другите надлежни институции од образованието, работевме да обезбедиме услови за успешно одвивање на воспитно-образовниот процес, вклучително обезбедување нови учебници и наставни програми, обука на наставниот кадар и зголемување на мотивираноста преку повисоки плати за 15% почнувајќи од овој месец, како и подобри условите за настава онаму каде беше најприоритетно да се инвестира. Се градат неколку нови училишта и спортски сали, 30-тина училишта се реконструираат, се набавија 265 кабинети по природни науки. Се ова се вложувања во поквалитетно образование, какво што заслужуваат сите деца“, рече Шаќири.

Министерот се заблагодари и на општините кои се посветија на подобрување на условите за настава и за квалитетен воспитно – образовен процес во новата учебна година и како што рече, токму една од нив е Илинден, која реализираше крупна инвестиција – изградба на целосно ново училиште кое од денес официјално започнува со работа.

Oваа учебна година за прв пат во училишните клупи седнуваат околу 18.000 првооделенци.

Укажувајќи дека тие тргнуваат на патот кој ќе ги подготви да си го изградат личниот живот и да се вложат во иднината на татковината, министерот Шаќири кажа дека наставниците се тие кои ќе им ги отвораат видиците, а родителите/старателите тие кои ќе им бидат поддршка во градењето перспективна иднина.

Учебната 2022/2023 ќе ја почнат 255 илјади основци и средношколци.