Претставници на Организацијата за економска соработка и развој за Југоисточна Европа денеска на конференција во Скопје ги презентираа резултатите од истражувањето кое ОЕЦД со поддршка на Швајцарија и Австрија го спроведе во изминатиот период, со цел детектирање на причините за миграцијата на населението од земјите од Западен Балкан кон поразвиените земји и предложија конкретни препораки за тоа како да се спречи или намали овој тренд. Во рамки на конференцијата беа организирани и неколку панел дискусии, на кои учествуваше и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Изразувајќи благодарност до спроведувачите на истражувањето кои се долгогодишни партнери на Северна Македонија и поддржувачи на владините заложби за унапредување на стандардите и квалитетот во сите сфери и сегменти, министерот Шаќири нагласи дека во областа на образованието веќе се спроведуваат низа крупни промени и активности кои кореспондираат со дел од дадените препораки во извештајот.

„Имаме план за реформа на образовниот систем, за да создава поподготвени кадри во иднина. Делуваме преку три аспекти – унапредување на инфраструктурата, набавка на нови наставни програми и учебници и подигнување на мотивацијата за работа на наставниот кадар. Клучно е поврзувањето на образованието со пазарот на трудот и мислам дека најважната активност во тој дел е прифаќањето на концептот на дуално образование. Затоа што овој концепт ги вклучува и компаниите во едукацијата на учениците кои се обучуваат директно на работно место и тоа од една страна овозможува подобра нивна подготовка со практични вештини, а од друга страна компаниите добиваат потенцијална работна сила подготвена за вклучување во работните процеси веднаш по дипломирањето“, рече Шаќири.

Министерот потенцираше дека покрај активностите за подобрување на квалитетот на националниот образовен систем, институциите го поддржуваат и образованието на младите и надвор од границите на својата земја, преку доделување на стипендии за студирање на најдобрите светски универзитети, преку можности кои ги обезбедуваат билатералните договори со други земји, како и преку учество во програмите за образование и наука на ЕУ – Еразмус и Хоризонт.

„Очекувањата ни се стекнатото знаење и искуство, младите да го применуваат во својата земја, да и возвратат за дадените можности и да помогнат во нејзиниот развој, заради подобра нивна иднина и заради иднина на нивните деца тука“, истакна Шаќири, додавајќи дека грижа се води и за повозрасните граѓани да можат да се обучат, доквалификуваат или преквалификуваат за полесно да се снајдат на пазарот на трудот.

„Можам да уверам дека сите ние кои сме раководители на институциите на системот, имаме силна волја да ги направиме промените кои сите сакаме да ги видиме и остануваме посветени и координирани понатаму. Ќе продолжиме да даваме што повеќе и подобри можности за младите и воопшто за сите граѓани да бидат мотивирани да останат во општеството во кое и припаѓаат“, рече министерот.

Извештајот на ОЕЦД го презентираше претставникот на организацијата за Југоисточна Европа Анита Рихтер, а се обратија и амбасадорите на Швајцарија и Австрија во Скопје, Вероник Улман и Џорџ Вуцас и заменик претседателот на Владата за економски прашања Фатмир Битиќи, додека на панел дискусиите учествуваа повеќе други експерти и претставници на земјите од регионот.