Министерството за образование и наука е партнер на општините и училиштата. Нашата мисија е да обезбедиме еднакви услови за сите ученици во Северна Македонија, а истовремено да ги следиме светските образовни трендови. Верувам дека со локалната власт, нашите меѓународни партнери и сите донатори ќе успееме да го подигнеме квалитетот на образованието во нашата земја.

Ова го изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој заедно со заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу го посетија ПОУ „Никола Карев“ во с. Нерово, општина Крушево, каде во тек е реконструкцијата на кровната конструкција и фискултурната сала во училиштето.

– Динамиката на реконструкцијата на кровот и спортската сала беше забавена поради временските услови, но верувам дека најдоцна до месец ноември градежните работи ќе бидат завршени. За оваа инвестиција се издвоени околу 10 милиони денари од буџетот на МОН, изјави Шаќири.
Министерот потенцираше дека со градоначалникот на општина Крушево и раководството на училиштето, разговарале и за учебната година која заврши пред неколку дена, за идните планови и заедничките инвестиции во образовниот процес со единствена цел, а тоа е достигнување на светски услови за изведување на воспитно-образовниот процес.

– Морам да напоменам дека ова не е единствената инвестиција која МОН ја спроведува во општина Крушево. Во завршна фаза е и реконструкцијата на училишната зграда на ООУ „Кирил и Методиј“ во селото Бучин, за што се издвоени над 5 милиони денари, рече Шаќири, додавајќи дека е планирана и реконструкција на училишниот објект на ООУ „Кирил и Методиј“ во с. Пресил.