ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска со назначување на Ѓоко Велковски за секретар на Град Скопје го прекршија законот, поточно член.44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, стои во писмената реакција од СДСМ.

Велковски, како што појаснуваат од таму е избран советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Чаир, и не може истовремено да биде секретар на Град Скопје.

„Неговата плата во Град Скопје е околу 50.000 денари, и заедно со надоместот како советник Велковски од парите на граѓаните месечно добива околу 68.000 денари.
Државната комисија за спречување на корупцијата да постапи по ова очигледно прекршување на законите, случајот да биде расчистен а одговорните да бидат соодветно санкционирани согласно законите. Велковски мора или да биде разрешен од функцијата Секретар на Град Скопје или да го врати советничкиот мандат, а Арсовска да одговара за ваквото незаконско постапување“, се потенцира во напишаното од страна на партијата на власт.

Оценуваат дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува по старо со прекршување на законите и партизација на институциите, работи на штета на граѓаните.