Москва вети дека фундаментално ќе ги намали своите операции околу главниот град на Украина за да ја зајакне меѓусебната доверба во мировните разговори меѓу Русија и Украина, но западните власти сугерираат дека не станува збор за искрена намера, туку за купување време.

Михаил Касјанов, кој беше премиер на Русија под претседателот Владимир Путин од 2000 до 2004 година, зборуваше за „Скај њуз“ за ситуацијата во Украина и за тоа што би можеле да значат мировните преговори. „Мислам дека нема индикации оти Путин е подготвен да направи какви било отстапки“, рече тој.

„Тој сака да води монтирани преговори со Украина само за да му покаже на целиот свет дека сака мир, но… Мислам дека тоа е само камуфлажа“, нагласи Касјанов.

Воениот аналитичар Мајкл Кларк вели дека Москва не успеала да ја прегази Украина како што очекувала.

,„Тоа е рационализација на воената ситуација во која се наоѓаат“, смета тој.
„Тие разбираат, сигурен сум, дека мора да ги концентрираат своите сили. Премногу се распоредени. Мора да се концентрираат некаде и затоа нивното внимание сега е насочено кон југоисточниот дел на земјата“, додаде тој.

Кир Гилс, експерт за Русија во тинк-тенкот Чатам Хаус, го опиша потегот како препознавање на реалноста од страна Русија, сознание дека таа не успеала и мора да ги намали своите воени цели.

Александер Стуб, поранешен фински премиер кој помогна да се постигне примирје со Русија и Грузија во 2008 година, рече дека руската објава може да биде само сигнал дека Кремљ ги насочува своите трупи на истокот на земјата.