На денешната надзорна расправа во Собранието во рамки на Комисијата за финансирање и буџет, на тема „ Причини за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност “, се обрати пратеничката Ели Панова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, која истакна дека случајот со Алта банка во изминатиот период бил проследен со бројни јавни реакции, политички прес-конференции и изјави, пред се од страна на СДС, со кои, како што истакна, во јавноста била создадена загриженост за стабилноста на банкарскиот систем и сигурноста на депозитите на граѓаните.

Таа нагласи дека е неопходно да се направи јасна разлика меѓу политичките интерпретации и институционално утврдените факти, особено имајќи предвид дека станува збор за две одделни правни лица во две различни држави, со различни надлежни регулатори.

„Изминатиот период случајот со Алта банка беше проследен со голем број на јавни реакции , политички прес-конференции и изјави, пред се од страна на СДС на што сведоци сме и денес со коишто во јавноста се создаде сериозна загриженост за стабилноста на банкарскиот систем и безбедноста на депозитите на граѓаните. Но кога станува збор за банкарскиот систем сметам дека мора да направиме јасна разлика помеѓу политичките интерпретации и институционално утврдените факти. Граѓаните имаат право да знаат дали навистина постоеле реални индикации за ризик дали надлежните институции навремено реагирале или дали имало каква било опасност за финансиската стабилност во нашата држава, особено затоа што станува збор за две одделни правни лица во две различни држави со различни регулатори“, рече Панова.

Во своето обраќање, таа ја отвори и темата за политичката одговорност при јавното комуницирање, посочувајќи дека јавниот збор носи одговорност, особено кога може да влијае врз довербата на граѓаните во финансиските институции. Панова упати конкретно прашање до гувернерот на Народната банка, Трајко Славевски, барајќи да се разјасни дали Народната банка претходно добила известувања или сознанија од Народната банка на Србија, како надлежен регулатор, за можни ризици, неусогласености или преземени надзорни мерки кон Алта банка во Белград, кои би можеле да имаат влијание врз Алта банка во Битола.

„Истовремено сметам дека политичката одговорност подразбира и одговорност за јавно изразениот збор особено кога со него може да се наруши довербата на граѓаните во финансиските институции. Затоа би сакала да ве прашам, дали Народната банка имала претходни известувања или сознанија од Народната банка на Србија како надлежен регулатор за можни ризици, неусогласености или преземени надзорни мерки кон Алта банка, Белград коишто притоа би можеле да имаат влијание врз Алта банка во Битола и врз основа на вашите надзорни анализи дали постоела било каква реална опасност за стабилноста на македонскиот банкарски систем“, вели Панова.

фото ВМРО ДПМНЕ