Вториот круг од локалните избори во Северна Македонија е главна тема во бугарските печатени изданија и електронски медиуми.

Темата со локалните избори по кои уследи оставката на премиерот на Северна Македонија Зоран Заев, беше објавена во сите медиуми, без да се даваат коментари за тоа.

Софиското издание „Дневник“, по информацијата дека Зоран Заев поднел оставка од премиерската функција, наведува цитат од Заев од пред неколку дена, според кој, зад победата на ВМРО-ДПМНЕ стојат надворешни сили.

Изданието „24 часа“ објавува дека Данела Арсовска, која е прогласена за „Бугарка“, станала градоначалник на Скопје, а премиерот Зоран Заев поднел оставка.

БНТ објавува дека од половината преброени гласачки ливчиња од ДИК во Северна Македонија, се утврдило дека кандидатите за градоначалници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаат огромна предност пред тие од владејачката СДСМ на премиерот Зоран Заев, како и оти партијата на Али Ахмети го изгуби Тетово и Гостивар.

На истата тема пишуваат и весникот „СЕГА“, информирајќи кусо за оставката на Заев, а националното радио БНР исто така информира за вториот круг од локалните избори во државава, што завршија синоќа

„Зоран Заев поднесе оставка“. „Драма во Македонија, Заев се повлекува од функцијата“. „Премиерот на Македонија си даде оставка“. Ова се само дел од насловите кои осамнаа во медиумите од Србија.

Сите очи вчера а и денес ќе бидат вперени во Македонија, откако се случија значајни промени на политичката сцена почнувајќи од промената на власта и освојувањето на Скопје на локалните избори од страна на Данела Арсовска.

Оставката на премиерот Зоран Заев доаѓа откако неговата партија СДСМ загуби во вториот круг од изборите за градоначалници во повеќе градови во државата.

„Ја преземам одговорноста за овие настани, поднесувам оставка од функцијата премиер и претседател на партијата“, рече на прес-конференција Заев, чии социјалдемократи ја предводат владејачката коалиција.

Заев му честиташе на својот политички противник, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ за победата на локалните избори.

Втор круг од локалните избори за градоначалници се одржа во неделата во општините каде тие не беа избрани во првиот круг.

Претходно, независната кандидатка за градоначалник Данела Арсовска, поддржана од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, прогласи победа и рече дека очекува Заев да поднесе оставка.

Заев претходно најави дека ќе поднесе оставка доколку кандидатот на неговата партија загуби во Скопје.