Пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, на денешната втора собраниска надзорна расправа за случајот со Алта банка, побара конкретни одговори од Фросина Целеска, директорка на дирекцијата за банкарска регулатива и решавање на банки,  за тоа како било овозможено Алта банка АД Белград да ја преземе Стопанска банка Битола и дали постојната законска регулатива обезбедува доволно механизми за проверка на инвеститорите и заштита на македонскиот банкарски систем.

Митрески посочи дека во октомври 2025 година Алта банка АД Белград ја презела Стопанска банка Битола, станувајќи нејзин доминантен акционер, за што претходно добила согласност од Народната банка. Само една година подоцна, матичната банка во Србија се соочува со сериозни финансиски проблеми, апсења и квалификации за поврзаност со организирана криминална група, а последиците се прелеваат и во Македонија, каде што врз банката е воведена привремена администрација.

„Како е можно таква банка да добие согласност за преземање на наша банка?“, праша Митрески, посочувајќи дека токму тоа е суштинското прашање на кое треба да одговорат надлежните институции.

Тој се осврна и на тоа дали проверките што се спроведуваат при преземање банка се доволно темелни и дали формалното исполнување на законските услови е доволна гаранција за сигурноста на банкарскиот систем.

„Потврдата дека нема забрана за вршење професија, дејност или должност е сериозен документ? Таква потврда се бара и за основање обичен ДООЕЛ со еден сопственик и еден управител. Дали тоа е доволно кога некој треба да преземе банка?“, праша Митрески.

Во таа насока, тој побара од Целеска, како експерт во областа на банкарството, конкретен одговор што треба да се промени во законите и другите прописи за да се спречи влез на сомнителни инвеститори во домашниот финансиски сектор.

„Што мислите, како банкарски експерт, што треба да се измени во нашите закони, во постојната законска регулатива, во другата регулатива, за да не се случи во иднина вакво нешто. Какви законски измени треба да се направат за вакви бандити со сомнителни политичко-економски поврзаности да не можат да влегуваат во нашиот банкарски систем?
?“, праша Митрески.

Тој нагласи дека случајот со Алта банка не е само проблем на една банка, туку сериозно прашање за довербата во целиот македонски финансиски систем и одговорноста на институциите што треба да го штитат.

„Ниту јас, ниту ние, сите овде присутни колеги пратеници, не можеме да знаеме повеќе и да зборуваме повеќе за тоа што значи довербата во банкарскиот систем. Знаеме дека таа не се гради ниту со обраќања, ниту со уверувања. Се гради исклучиво со транспарентност, одговорност и институционален интегритет. Алта банка не е фактички само уште еден проблем во банкарскиот систем. Тоа е сериозен институционален случај кој отвора суштински прашања за одговорноста на регулаторните институции, контролата на странските инвестиции во финансискиот сектор и, пред сè, проверката на потеклото на капиталот со кој се преземаат домашни финансиски институции“, порача Митрески.

Тој беше дециден дека довербата на граѓаните не може да се врати со јавни настапи, туку со гаранции дека нивните средства во банките се сигурни.

„Некој треба да стави пари во банка и да очекува дека таму му се сигурни и да работи со тие пари. И таа доверба, повторувам, не се гради со изјави, со прес-конференции, со било што. Се гради со институционална доверба. Очигледно, кај нас се случи бандити да влезат во нашиот банкарски сектор. Така ги карактеризираат во соседна Србија“, рече Митрески.

https://youtu.be/2OAFXW72rdk?si=IyX1x73IYM2ta8_q

https://youtu.be/tZrqgshhdqA?si=FGIS_ZO9R5CvdZFH