Пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната втора Надзорна расправа за Алта банка, упати прашања до директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, за тоа дали институцијата го проверила потеклото на парите со кои Давор Мацура влегол во македонскиот банкарски и осигурителен сектор.

Трајчулески побара одговор дали Управата ги искористила своите законски овластувања за да ја следи трагата на парите при преземањето на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка АД Белград, особено имајќи ги предвид информациите за постапките и сомнежите поврзани со капиталот на српската банка.

Тој потсети дека на 1 септември 2025 година гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, дал согласност за влез на Алта банка во Стопанска банка Битола, а на 27 февруари дал согласност Давор Мацура да биде именуван за член на Надзорниот одбор на Алта банка Битола.

„Партискиот гувернер не ги зеде во предвид ниту суспензијата изречена од страна на Европската централна банка за Алта банка при обидот за преземање на Адико банката ниту поведените постапки за потеклото на капиталот и контролите против перење пари.На 30 октомври 2026 година, Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на белградската Алта банка и утврди дека се исполнети условите за поведување стечајна постапка. Во Србија, Мацура беше уапсен, а судот му определи притвор. Според наредбата за истрага на српското обвинителство Мацура е осомничен дека присвоил над 380 милиони евра од трезорот на Алта банка“, рече Трајчулески.

Притоа, Трајчулески посочи дека Управата за финансиска полиција, во рамките на своите законски овластувања, особено утврдени во член 12 и член 13 од Законот за финансиска полиција може да ја следи трагата на парите и да ги спореди сметководствените евиденции со фактичките уплати. Тој побара од директорот на Управата за финансова полиција да одговори дали биле обезбедени документи за потеклото на средствата, дали биле проследени конкретните уплати до нивниот првичен извор и дали било утврдено кој фактички го финансирал купувањето.

„Кои документи за потеклото на средствата ги обезбедивте? Дали ги проследивте конкретните уплати до првичниот извор на средствата? Дали утврдивте кој фактички го финансирал купувањето? Од кои сметки се извршени уплатите? И дали во финансирањето учествувале посредници или поврзани лица? Дали ги споредовте банкарските изводи и платните налози со договорите и сметководствената евиденција? Дали преку надлежното обвинителство или преку друг законски канал побаравте податоци од српските органи? Дали проверивте дали трансакциите, сметките или поврзаните лица опфатени со истрагата во Србија се појавуваат и во финансирањето на преземањето или во трансакции со банката во Битола по преземањето?“, праша Трајчулески.

Притоа, Трајчулески го повика директорот на финансовата полиција да одговори дали управата ја проследила трагата на парите и со кои документи го преверила нивното потекло.

Во дополнителното прашање, Трајчулески отвори и прашање за преземањето на ЗОИЛ Македонија, денес Алта осигурување АД Скопје, од страна на Давор Мацура како физичко лице.

Тој посочи дека на 30 март 2026 година, преку блок-трансакција на Македонската берза, биле продадени сите 60.000 акции на ЗОИЛ Македонија за околу 1,7 милиони евра. Притоа, побара одговор дали Финансиската полиција ја прибавила документацијата врз основа на која Агенцијата за супервизија на осигурување дала согласност за преземањето и дали го проверила потеклото на средствата.

„Дали Управата за финансиска полиција согласно членот 12 од Законот за финансиска полиција има отворено предмет и има извршено проверки за да го утврди потеклото на околу 1,7 милиони евра со кои Давор Мацура како физичко лице го купил ЗОИЛ Македонија? Дали Управата има преземено предистражни дејствија или доставено наоди до надлежното јавно обвинителство?“, праша Трајчулески.

Тој побара конкретни одговори дали е отворен предмет, кога и по чија иницијатива, дали е утврден изворот на средствата, дали плаќањето било извршено од лична сметка на Мацура и од каде пристигнале парите на таа сметка.

Дополнително, побара да се разјасни дали Финансиската полиција ја побарала документацијата од Агенцијата за супервизија на осигурување, дали податоците биле споредени со банкарската документација за извршеното плаќање и дали биле побарани информации од надлежните органи во Србија.

„Ако досега не е отворен предмет, дали Управата воопшто ги оценила достапните информации, каков заклучок донела и дали сега ќе отвори предмет, кој ја провери трагата на овие 1,7 милиони евра и врз основа на кои документи. Барам конкретен одговор“, порача Трајчулески.

фото СДСМ