Голема придобивка се измените во Законот за облигациони односи, оцени министерот за правда Бојан Маричиќ, во гостувањето на Сител телевизија, додавајќи дека тие измени влијаат и на извршителите и на банките и секако граѓаните со подолготрајни долгови.

-Ако имате на пример долг од 500 денари, кој со затезни камати и со тек на време пораснал на повеќе од пет илјади денари или пак десет, сега со новите законски измени тоа нема да може да се случи. Сега, ако е долгот 500 денари каматите ќе можат да бидат максимум до износот на долгот или вкупно илјада денари ќе треба да плати оној што има долг од 500 денари. Тоа е фер и праведно, а и покрај тоа што има категории што сметаат дека ова не е добар начин на мотивација за да се отплаќаат долговите ние сметаме дека не е праведно за мала сум да се исплаќаат големи суми, кажа Маричиќ.

Тој најави дека од први октомври измените ќе започнат да се применуваат и каматите на сите активни долгови на овој датум нема да смеат да се повисоки од самиот долг.

-Измените ќе важат за сите физички лица и за оние со индивидуална дејност, како адвокати, трговци-поединци и слично, потенцира министерот.