„Лидерската средба ни донесе неколку битни точки, а најважното е што ниту една партија не е против уставните измени, различни се само условите. Ние сме подготвени оние услови кои се реални, изводливи и не излегуваат од преговарачката рамка да ги реализираме. Не е тоа затоа што ние сметаме дека тоа се идеални предлози или идеална преговарачка рамка, но на тоа се согласија сите 27 држави членки на ЕУ“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за Канал 5, пред средбите на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ.

Тој додаде дека СДСМ се подготвени да разговараат како ВМРО-ДПМНЕ би се чувствувале комотно во коалиција во Владата за да ги поддржи уставните измени.

„Ние сметаме дека секоја партија може да најде место во таа влада. Ќе оставиме секоја партија да си каже како би учествувала и би го утврдиле календарот на уставните измени. Наш услов беше да се одржи првото гласање, да се пристапи кон формирање на оваа влада, да се заврши измените, да го завршиме скринингот и отворањето на кластерите, па потоа да продолжиме до изборите“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека Владата, во консултации со опозицијата и останатите партии ќе предложи и Закон за преговори со ЕУ во кој ќе се дефинира улогата на Собранието, опозицијата и Владата во процесот на преговори.

„Преговорите ги води Владата во секоја држава, но Собранието и опозицијата имаат силна улога. Понудивме и претходно, а сега актуелизираме, заедно да составиме Закон за преговори со ЕУ каде ќе бидат наведени сите грижи и Владата да се обврзи да не се преговара за идентитетот и јазикот. Ако ЕУ го отвори тога прашање, тогаш Владата да има обврска веднаш да се повлече од преговорите“ рече Маричиќ.

Тој додаде дека со овој закон ќе се дефинира зајакнатата улога на опозицијата и Собранието, како и преговарачкиот тим, со цел сите да имаат доверба во него, за тој да може да го надмине мандатот на било која влада.