Законот за контрола на индустриски емисии почнува да се применува во септември 2027 година. Усогласувањето на капацитетите и институционалниот надзор ќе бидат важни и за довербата во рударските средини.
Законот за контрола на индустриски емисии ќе почне да се применува од септември 2027 година, а одложување на обврските нема да има, порача заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска на панелот „Рударство, развој и животна средина“, одржан во рамки на Стручното советување со меѓународно присуство ПОДЕКС–ПОВЕКС во Охрид. За опфатените рударски и индустриски капацитети, тоа значи усогласување со еколошките барања преку условите во дозволите, примената на најдобрите достапни технологии и следењето на емисиите.
Според Лашкоска, средбите со сопствениците и менаџерите на индустриски капацитети, што Министерството ги реализирало изминатиот период, покажале дека компаниите се многу добро запознаени со новите законски одредби. Потребните приспособувања ќе зависат од нивната дејност и технологија, а може да опфатат вложувања во производствените процеси и опремата за намалување на загадувањето.
Таа нагласи дека економското значење на рударството не ја намалува обврската за заштита на животната средина и најави посилен надзор околу примената на Законот за животна средина од страна на рударските и генерално индустриските субјекти.
„Во ова законодавство се наметнува транспарентно информирање на јавноста, вклучување на јавноста во донесувањето на политиките, а многу важен е и мониторингот и инспекцискиот надзор. Она што можам да го ветам е уште позајакнат надзор во наредниот период.“
Во рударските средини, спроведувањето на прописите е поврзано и со односот меѓу компаниите и населението. Градоначалникот на Пробиштип и поранешен директор на рудник, Тони Тоневски, во истата панел дискусија го истакна значењето на постоењето на активен концесионер кој инвестира во заедницата и придонесува за локалниот економски развој. Довербата, според него, бара транспарентност и отворено соочување со проблемите.
„Довербата можеме да ја вратиме ако сите ние, и инвеститорите, тие што работат во рударскиот сектор, институциите, локалната заедница, сите работиме транспарентно, отворено, сериозно им приоѓаме на проблемите. Не смееме да ги криеме и да ги тргаме на страна проблемите, туку треба одговорно и транспарентно на граѓаните да им ја објаснуваме целата постапка.“
Пораката од Охрид беше: рударството и животната средина не се противници. Одговорното рударство значи почитување на прописите, грижа за животната средина, ефикасен институционален надзор и постојан дијалог со заедниците во кои се одвива рударската дејност. Само така рударството може да придонесува за економијата и да ја гради довербата кај граѓаните.
(Извор на фотографии и видео: Подекс-Повекс 2026)