„Сите вработени во јавниот сектор заслужуваат поголеми плати, особено вработените во образовниот сектор, но мора да се грижиме тоа да биде во можностите на буџетот и да не креираме инфлаторен притисок“ изјави премиерот Димитар Ковачевски во „360 степени“ на АлсатМ.

Тој додаде дека лично е за раст на платите во образованието, но мора да се има предвид дека ова е една од најкризните години по Втората светска војна и дека мора да се грижиме државата да ги финансира своите обврски.

„Одговорноста не е само да се покачат платите. Разговарав со Народната Банка од каде ми укажаа дека доколку ги зголемиме платите колку што се вкупните барања на синдикатите, тоа може да предизвика инфлаторен притисок. Тоа ќе значи дека дури и да добијат поголема плата, таа после кратко време нема да вреди“ рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека мора да се балансира решението меѓу тоа што го бара синдикатот и тоа што го нуди буџетот, бидејќи тие граѓани веќе добиваат субвенционирани цени за електрична енергија, како и намалени даноци за основните продукти.