„Основа за градењето на мирот е јакнење на довербата и превенцијата, а одговорноста за тоа е кај нас, Владите на државите членки на ОН. Тоа е многу пати пати повторено, а во нашиот случај потврдено и во пракса“ рече премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање, како прв македонски премиер на отворената седница на високо ниво на Советот за безбедност при Обединетите Нации.

Тој додаде дека во години на тешки војни на просторот на поранешна Југославија, поранешниот претседател, Киро Глигоров со својата посветеност на мирот, мудрост и одговорност придонесе за мирно осамостојување и меѓународно етаблирање на државата како независна и суверена.

„Во време на војна во најблиското соседство, ние имавме сопствена, национална агенда за мир која нужно подразбираше обезбедување на внатрешен консензус, но и тесна соработка со ОН, како и со регионалните организации, пред се ОБСЕ и ЕУ. На тој начин се создадоа предуслови за успешната превентивна мисија – УНПРЕДЕП. Се спречи прелевањето на конфликтот, беа сочувани мирот и стабилноста, а со тоа спасени безбројни животи и спречени непотребни разурнувања. И што е исто така многу важно: се креираше доверба и полека но сигурно се развиваше културата на дијалог како единствен начин за надминување и на најсериозните предизвици“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека токму преку таа култура на отворен дијалог Северна Македонија 30 годнии подоцна е земја пример за решавање на отворени прашања и дома и со соседите.

„Изминативе 30 години ние донесовме многу тешки одлуки. Тешки, но визионерски и храбри одлуки, кои ни овозможија денес да сме земја членка на НАТО и да имаме отпочнати преговори со Европската Унија со заштитен и признат македонски јазик, идентитет и култура. Од земја која пред 30 години беше домаќин на мировни мисии, денес сме фактор на стабилност и домаќини на преговори меѓу други земји“ рече Ковачевски обраќајќи се во Советот за безбедност.