Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да се надмине себе си и барем еднаш во овие 30 години независна Македонија да поддржат одлука со која што државата ќе се интегрира, после интегрирањето во НАТО и во ЕУ, така да заклучоците се многу едноставни имаме на една страна интеграција во ЕУ, а на друга страна изолација, рече претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски денеска во одговор на новинарско прашање за претстојната средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Средбата ќе се случи во среда во 11 часот на две теми, едната тема е носењето на одлуки за европска интеграција на државата. Втората е активностите на сите политички чинители во државата во однос на односите со соседите. Тоа се две исклучително значајни теми од кои што зависат интеграциите на државата и што побрзо до зачленување во ЕУ. Инаку јас до сега имам кажано дека во државата постојат два концепти, едниот е за европска Македонија и вториот е концепт кој што го предводи Левица и кој што е за Северна Македонија да биде изолирана. Така беше 10 години од 2006 до 2016 година. Јас се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да се надмине себе си и барем еднаш во овие 30 години независна Македонија да поддржат одлука со која што државата ќе се интегрира, после интегрирањето во НАТО и во ЕУ. Така да заклучоците се многу едноставни имаме на една страна интеграција во ЕУ, а на друга страна изолација. Јас се надевам дека тоа што го сакаат сите граѓаните ќе го изберат и сите политичари а тоа е интеграција на државата во ЕУ, рече Ковачевски.

Претседателот Ковачевски додаде дека очекува отворен разговор за сите аспекти на овие две теми и бидејќи се значајни две теми и изрази надеж дека ќе се дојде до заеднички јазик.

-Врвен интерес на граѓаните е интеграција во ЕУ. Тоа се гледа секојдневно и низ сите измнинати 30 години, нашите граѓани сакаат да живеат во ЕУ, вие гледате дека порано беше незамисливо наши граѓани да одат да работат во Словачка, Чешка, Полска, Романија, што денес е реалност, а тоа е само затоа што овие држави станаа земји членки на ЕУ и имаат повисок животен стандард. Бидејќи интеграцијата во ЕУ значи и работа на заедничкиот пазар на ЕУ, половина милијарда луѓе, колку што е голем тој пазар, најбогатиот пазар во светот. И навистина сега кога постои отворен прозорец за влез во ЕУ, тој треба да се искористи, кажа Ковачевски.

Претседателот на СДСМ и премиер додаде дека поканата за средба е испратена до ВМРО-ДПМНЕ и во неа стои јасно можноста да одберат во кој формат сакаат да биде средбата.

-Со фикции се занимаваат цело време. Поканата е испратена до ВМРО-ДПМНЕ на која што многу јасно стои во кој формат сакаат да биде средбата, дали да биде 1+1, 1 + 2. Зависно од тоа дали имаат доверба помеѓу себе па смеат да зборуваат еден пред друг. Или сакаат да одат сами на средба и јас оставив да избере раководството на ВМРО-ДПМНЕ, односно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и тие го избраа форматот, рече Ковачевски.