Премиерот Димитар Ковачевски очекува наредната година да започне градбата на интерконективниот гасовод со Грција. Тој ова го изјави од Неготино, каде заврши изградбата на последната гасоводна делница од Неготино до Битола.

-Проектот е усогласен со националните цели и приоритети и со политиките на Европската унија. Со овој проект и со завршената делница Северна Македонија ги исполнува условите да биде транзитна земја, но и да заработува од транзитот на природен гас. Веќе се работи на техничка документација на нови интерконективни гасоводи со Србија и со Косово, за што веќе добивме поддршка од Европската унија, кажа Ковачевски.

Тој додаде дека со овој проект земјата ќе има пристап до природниот гас од Азербејџан.

-Наместо да сме зависни од еден извор на гас и една цена, ние имаме предвидливост за нашата економија, кажа Ковачевски, додавајќи дека веќе ќе може да се градат и гасни електрани, во РЕК Битола.