Денеска, во Владата се одржа седница на Советот за реформа на јавната администрација, прва откако претседател на Владата е премиерот Димитар Ковачевски.

На седницата, на која присуствуваа претставници на Владата, на Генералниот секретаријат на Владата и експерти, премиерот Ковачевски соопшти јасна определба за ефикасна и професионална јавна администрација, што е предвидено во нацрт-текстот на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030 година и побара поактивно работење веднаш за ефикасна реализација.

Ковачевски истакна дека реформата на јавната администрација останува еден од клучните приоритети на Владата, но сега се издигнува како прашање од исклучителна важност и за процесот на преговори со Европската Унија, со фактот дека е една од клучните области од кластерот „Основи“.

„Ефикасна јавна администрација е очекување на граѓаните. Тоа го ветивме во Програмата за работата на Владата 2022-2024. И зборувањето, плановите, предлозите, конечно, мора да се операционализираат на ниво на функционални решенија, односно напорите за подобрувања во оваа област да почнат да даваат видливи резултати. Сè додека тоа не се случи, ние можеме да велиме дека многу е работено и сработено, но незадоволството ќе постои – и кај граѓаните и кај бизнис-заедница. Со тоа ќе остане и притисокот врз нас како Влада дека може и треба да се сработи повеќе, а ќе се провлекува и како предизвик во усогласувањето со стандардите и начелата за администрација и за добро владеење од успешните европски пракси“, рече Ковачевски.

Повикувајќи се на наодите од извештајот за евалуацијата за Стратегијата 2018-2022 година, премиерот потенцира дека факт е оти се работело, но факт е и дека изостануваат резултати кои би ја подобриле перцепцијата кај јавноста дека има значителни подобрувања, што им ја олесниле достапноста до институциите или ефикасноста во добивањето на услугите.

Вели: Менталитетот е нешто што не се менува преку ноќ, но тоа што зависи од сите нас – од Владата, од локалната самоуправа и од другите, по Уставот независни власти, законодавната и правосудната власт – тоа мора да го направиме.

Според него, приоритетни цели мора да бидат деполитизирана и професионална јавна администрација и следствено на тоа воспоставување кохерентен систем на плати и реорганизирани и оптимизирани институции, со зајакнат интегритет. Ова подразбира финализирање на предлозите на законските решенија, што претставуваат правна основа за да се оди понатаму.

Во делот на дигиталната трансформација, рече Ковачевски, може да се види унапредување, но важно е да се овозможи и унапреди простор администрацијата да работи во средина со дигитални можности и да биде оспособена да ги применува, со што ќе се постигне и зголемен квалитет на услугите.

Ја нагласи потребата од кадровски потенцијал, кој може да одговори на сите потребни обврски и мора да се пристапи кон зајакнувањето на човечките ресурси.

„Очекувам да видам прецизни мерки и резултати, во утврдени рокови“, рече Ковачевки.

На седницата на Советот за реформа во јавната администрација, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, нагласи дека реформата на јавната администрација е дел од билатералниот скрининг со ЕУ, уште во првиот кластер „Основи“ од преговарачкиот процес и соопшти дека во следните месеци од нашата држава се очекува да подготви патоказ за реформа во јавната администрација.

Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, ги презентира извештаите и наодите од евалуацијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 година.

Беше отворена и експертска расправа за нотираните предизвици и препораки, што премиерот Димитар Ковачевски ги оцени како придонес во оваа важна реформа за граѓаните и во евроинтеграцискиот напредок на Република Северна Македонија.