Македонското Собрание, со поддршка од мнозинството пратеници, донесе државничка одлука што обезбедува европска иднина за сите наши граѓани со заштитен македонски јазик, идентитет и култура. По 17 години чекање, конечно ги започна долго очекуваните и заслужени пристапни преговори за членство во Европската унија. Во ЕУ влегуваме како Македонци со македонски јазик, со чиста формулација, без фусноти, без дополнителни придавки и објаснувања. Целата јавност можеше да види во Брисел дека македонскиот јазик е веќе дел од институциите на Европската унија, на официјалните канали на Унијата. Гласно ечеше македонскиот јазик во ЕУ, изјави на денешната прес-конференција, Ненад Коциќ, пратеник на СДСМ.

Тој додаде дека во процесот успеавме да ги заштитиме националните и државни интереси, поставени со Резолуцијата што заеднички ја усвоивме овде во Собранието. Со тоа паднаа во вода сите лаги, манипулации и хистерии што ВМРО-ДПМНЕ и нивниот проруски партнер Левица ги ширеа во Собранието и надвор од него. Од друга страна се уште има молк од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за срамното нивно прифаќање на ознаката НМК за време на самитот на ЕПП. Тоа е голема разликата. Македонски јазик во ЕУ наспроти НМК на Мицкоски на конгресот на ЕПП.

Коциќ истакна дека веднаш по завршување на Меѓувладината конференција, започна и процесот на скрининг кој ќе даде простор да се вклучат сите и да се отвори дијалог овде во Собранието. Процесот на скрининг е идентичен и за нас и за соседна Албанија со што паѓа во вода уште една манипулација на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Како парламентарно мнозинство им честитаме на сите граѓани и упатуваме благодарност до сите пратеници кои со својот глас ЗА придонесоа за реализација на втората стратешка цел на државата – членството во ЕУ. За разлика од нив, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побегнаа од салата и воопшто не собраа храброст ниту да гласаат.

Ние, пратениците од парламентарното мнозинство ќе продолжиме посветено да работиме на спроведување на реформскиот процес кој обезбедува подобар живот за нашите граѓани и не доближува до полноправно членство во Европската унија, изјави Коциќ.