Весна Ѓорѓиева, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, истакна дека Предлог-Буџетот за 2027 година освен што се разгледува низ призмата на финансиските показатели на истиот, предвид треба да се земат и неговата развојна функција, и резултатите што истиот треба да ги донесе.

Ѓорѓиева посочи дека еден од условите за економски развој на државата е подобрувањето на инфраструктурата, истакнувајќи дека за капитални расходи кои се однесуваат на капитални инвестиции, со Предлог-Буџетот за 2027 година, предвидени се 40,8 милијарди денари. Пратеничката Ѓорѓиева се надоврза и кажа дека особено е важна поддршката на локалната самоуправа и смета дека истата и понатаму треба да биде приоритет.

„Она што посебно сакам да го истакнам се капиталните расходи, за кои се предвидени 40,8 милијарди денари. Овие капитални расходи се однесуваат на капиталните инвестиции кои се основа за подобрување на инфраструктурата и создавање услови за економски развој. Капиталната инвестиција не треба да остане само бројка во буџетот. Таа треба да стане конкретен проект со јасен рок, квалитетна реализација и видливи резултати, како што беше во текот на овие две години откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт“, рече Ѓорѓиева и додаде:

„Сакам да ја нагласам и важноста на поддршката на локалната самоуправа. Развојот на една држава не се случува само на централно ниво, туку тој започнува и во општините, каде што граѓаните секојдневно ги чувствуваат резултатите од јавните политики преку образованието, детската заштита, културата, противпожарната заштита и комуналните услуги. Сметам дека е важно и понатаму да се создаваат услови за дополнителна поддршка на општините, особено за проектите од локално значење. Граѓаните очекуваат конкретни резултати во средините каде што живеат, а наша обврска е да ги поддржиме сите тие политики што ќе го овозможат тоа“.

Ѓорѓиева ја истакна и важноста на мерките за вработување и посочи дека за нив, во Предлог-Буџетот за 2027 година, се предвидени 2,8 милијарди денари, кои средства, како што вели Ѓорѓиева треба да придонесат кон отворање на нови можности за вработување и поддршка на младите во државата.

„Исто така, сакам да ја истакнам и важноста на активните мерки за вработување, за кои се предвидени 2,8 милијарди денари. Овие средства треба да придонесат кон отворање нови можности за вработување, поддршка на младите и подобро искористување на потенцијалот на домашната работна сила“, појасни Ѓорѓиева и додаде:

„Особено е важно да создадеме услови за младите луѓе да ја гледаат својата иднина тука, во нашата држава. Тоа подразбира повеќе можности за работа, подобри услови за професионален развој, поддршка на стопанството и привлекување на инвестиции што ќе создаваат нови и квалитетни работни места“.

Ѓорѓиева на крајот кажа: „Нашата обврска не завршува со неговото усвојување, напротив, туку започнува најважниот дел, односно да обезбедиме секој планиран денар да биде преточен во конкретен резултат, а секоја најавена инвестиција да стане реалност“.

фото: Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ