Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, ја донира својата мартовска плата за извршување оперативна интервенција на ученик што боледува од аневризма на главата и кому му е потребна финансиска помош за понатамошно лекување во Германија.

По извршената донација, Герасимовски ги повика општинската администрација и сите граѓани да се приклучат на повикот и донираат, а на советниците од Советот на Општина Центар им предложи да го следат неговиот пример и да донираат половина од своите советнички паушали. Станува збор за ученик од четврто одделение во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, Никола Трајковски.

„Ве повикувам и вас, сите хумани граѓани, да донирате и да го споделите овој повик. Ајде заедно да му помогнеме на Никола да победи во оваа тешка животна борба. Општина Центар и центарци се познати по својата хуманост. Тука сме биле секогаш да подадеме рака и да укажеме помош онаму каде што е најпотребна. Да го докажеме тоа уште еднаш“, повика Герасимовски на социјалните мрежи.