Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции, упати прашање до евроамбасадорот Михалис Рокас, дали уставните измени навистина претставуваат предавство или е лажна пропаганда со која Мицкоски и ВМРО со години ги манипулираат и лажат граѓаните и ја држат државата во изолација.

„Предавнички ли е, амбасадоре, тоа што треба да се случи? Има ли предавство зад уставните измени или нема? Треба помош од вас, нас ни треба, на државата и треба, на граѓаните, на Европска унија и треба помош, затоа што благодарение на пропагандата со која што СДСМ, јас, сите ние, претходниот состав, претходната влада и така натаму, се обвинувани од страна на Христијан Мицкоски и целата сега владејачка гарнитура дека сме носеле предавнички политики, дека сме биле сервилни или со свиткана кичма и како е тоа богатиот вокабулар на Христијан, индиректно и вас ве обвинува и Европската унија ги обвинува, дека на некој начин уценува земја кандидат за членство во Европска унија со нешто што бара отстапка. Така ли е или не е така? Затоа што имаме работа со силна пропаганда тука која што сѐ ќе претстави како предавство “, рече Филипче.

Филипче посочи дека пораките од европските претставници, вклучително и изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека Македонија е добредојдена во ЕУ со својот идентитет и јазик, јасно ги демантираат обвинувањата за наводно предавство што ги ширеше актуелната власт.

Претседателот на СДСМ нагласи дека последиците од ваквиот наратив веќе се чувствуваат, бидејќи Европа стана тема за која политичарите се воздржуваат да зборуваат, плашејќи се од етикетирање како предавници.

„Како што гледате, никој повеќе не зборува за Европа. Никој. Сите се внимателни. И јас последен и СДСМ и трпиме удари сѐ уште. Зошто никој не збори за Европа? Па затоа што синоним за Европа стана предавство благодарение на оваа пропаганда. Тоа стана Европа. Чекај да не зборам, ќе ме направат предавник. Зошто? Затоа што виткам кичма“, рече Филипче.

Притоа, Филипче нагласи дека во момент кога за првпат по 25 години се отвора конкретна перспектива за проширување на Европската Унија и јасен патоказ за четири земји до 2030 година, Македонија повторно останува надвор од процесот.

Филипче порача дека клучното прашање е дали државата ќе продолжи да биде заложник на пропагандата на Мицкоски или ќе го искористи европскиот пат за да обезбеди развој и подобра иднина за граѓаните.

„Клучното прашање во кое што Европа треба да ни помогне – предавство ли е уставните измени да се направат? Национално предавство ли е? Или е само една силна лажна кампања со цел да се држи земјава во изолација, додека цел регион оди напред, а ние гледаме како го пропуштаме можеби и последниот воз заедно со овие четири земји кои што јасно е дека ќе станат земји членки на Европската унија после 25 години стагнација во делот на проширувањето, заклучно со 2030 година“ рече Филипче.

фото: СДСМ