Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен кажа дека нè чекаат во ЕУ со нашиот јазик и идентитет, и со оваа изјава паѓа во вода приказната за предавство, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции. Филипче посочи дека пораката од претседателката на Европската комисија е јасна и ги демантира сите лаги и пропаганда на Мицкоски дека политиките на СДСМ биле предавнички.
„По примерот на претседателката Фон дер Лајен којашто кажа дека нас не чекаат во Европа со нашиот идентитет и јазик. Зарем не е тоа најдобар и најголем сигнал дека оваа политика на оваа власт изминативе години, не само од 2024, туку и претходно, дека сѐ што направи СДСМ е предавничка политика, практично паѓа во вода“, рече Филипче.
Тој нагласи дека Мицкоски со години ја користи приказната за наводно предавство за да ја дискредитира СДСМ, но и Европската Унија, претставувајќи ги европските интеграции како уцена и закана за националниот идентитет, и го повика евроанбасадор Михалис Рокас да помогне во интерес на граѓаните и европската индина на земјата.
„Треба помош од вас, нас ни треба, на државата и треба, на граѓаните, на Европска унија и треба помош, затоа што благодарение на пропагандата со која што СДСМ, јас, сите ние, претходниот состав, претходната влада и така натаму, се обвинувани од страна на Христијан Мицкоски и целата сега владејачка гарнитура дека сме носеле предавнички политики, дека сме биле сервилни или со свиткана кичма и како е тоа богатиот вокабулар на Христијан, индиректно и вас ве обвинува и Европската унија ги обвинува, дека на некој начин уценува земја кандидат за членство во Европска унија со нешто што бара отстапка.
Така ли е или не е така? Затоа што имаме работа со силна пропаганда тука која што сѐ ќе претстави како предавство. На крај ќе не убеди дека е добро да бидеме руска провинција некоја, да копаме руда и добро ќе биде за мали пари за сите нас. Тоа ќе не убеди пропагандата под силните медиуми на Орбан и на Вучиќ“, рече Филипче.
Филипче посочи дека двојните стандарди на Мицкоски се најдобар доказ за манипулациите. Додека пред граѓаните ширеше антиевропски наратив и тврдеше дека Преспанскиот договор не е завршена работа, во меѓународните настапи ги потврдува реалностите што претходно ги оспоруваше.
„Преспанскиот договор беше предавство. Претседателката ќе го враќаше старото име, уставно, за време на кампањата. Никогаш немаше да го користи и така натаму. Сега Северна секаде користена, на сите меѓународни состаноци, а тука дома ни сѐ од Северна. Христијан Мицкоски исто така велеше додека сум јас ВМРО, за мене Преспанскиот договор не е завршена работа“, рече Филипче.
Тој посочи дека Мицкоски и денес продолжува со една политика пред домашната јавност, а сосема друга пред меѓународните партнери.
„Пред три дена го слушаме во Германија или кај беше на некоја средба, го потврдува идентитетот Преспанскиот договор, а јазикот е потврден во Обединетите нации. Епа двојни стандарди. Еден говор за странство, друг за дома. За да тонеме во изолација и во сиромаштија, зашто останавме и без младина и без пари. И затоа што ќе одиме во провалија со овој начин“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ предупреди дека ваквата пропаганда има сериозни последици, затоа што европската перспектива на државата се претставува како предавство, па граѓаните и политичарите се обесхрабруваат отворено да зборуваат за членство во ЕУ.
„Како што гледате, никој повеќе не зборува за Европа. Никој. Сите се внимателни. И јас последен и СДСМ трпиме удари сѐ уште. Зошто никој не збори за Европа? Па затоа што синоним за Европа стана предавство благодарение на оваа пропаганда. Тоа стана Европа. Чекај да не зборам, ќе ме направат предавник. Зошто? Затоа што виткам кичма“, рече Филипче.