Ана Бранковиќ Јовановиќ (31) од Скопје која пред неколку години замина да работи во Соединетите Американски Држави е повредена откако била застрелана на работно место во ресторан во Бур Риџ во Чикаго.

На социјалните мрежи се појави апел за донации во кој, како што пишува, девојката била жртва на вооружен напад на работно место од страна на вработен и повредена е на три места.

„Погодена е на три места, во рамо, колк и во нога. До сега успешно ѝ се направени две операции и следува подолг период на рехабилитации и оздравување. Ни треба вашата помош за да можеме ги подмириме болничките трошоци. Ви благодариме“, стои во повикот за донации.

Според порталот Serbian Times убиство се случило вчера, смртно е застрелан Србинот Никола Мишовиќ (30). Напаѓачот Џереми Спајсер (31) од Арканзас се самоубил, а една девојка е повредена и згрижена во болница.

Пукањето се случило во просториите на компанијата, а за убиството е обвинет колега на убиениот кој работел во истата компанија. По кратката полициска потера, убиецот се самоубил.