Соопштение на Левица:

Економско-финансискиот совет на Политичката партија Левица одржа состанок на кој беа присутни пратеникот Борислав Крмов, координаторот на сектор финансии Марјан Димитриев, координаторот на сектор политичка економија Дамир Хајрединовиќ и останати членови. На состанокот беа разгледани состојбите во јавните финансии, задолжувањето на државата, инфлацијата, животниот стандард на граѓаните и перспективите за економскиот раст.

-Задолжувањето не може да биде замена за развојна економска политика

Најавено е задолжување од 1,3 милијарди евра во 2027 година, додека јавниот долг е над 10,7 милијарди евра, а само за камати наредната година Македонија ќе исплати над 400 милиони евра. Советот смета дека е неопходна детална анализа на задолжувањето, со одделен приказ на средствата за покривање на дефицитот, рефинансирање на постојните долгови и финансирање на нови инвестиции.

-Кратењето на капиталните инвестиции ја доведува во прашање развојната политика

Со вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година се намалуваат планираните капитални расходи за околу 92 милиони евра, додека буџетскиот дефицит останува на 4,1% од БДП. Левица смета дека јавните средства мора да бидат насочени кон проекти што создаваат долгорочна вредност, ја зголемуваат продуктивноста и ги подобруваат условите за живот. Неопходно е да се утврди кои капитални проекти доцнат, кои се кратат и зошто нивната реализација не се одвива според првичните планови.
-Алтернативни извори на финансирање и транспарентна споредба на условите

Потребна е анализа на можностите за задолжување кај различни меѓународни кредитори, вклучително и Кина, меѓународните финансиски институции и комерцијалните финансиски пазари. Советот предлага анализата да ги опфати каматните стапки, роковите на отплата, грејс-периодите, валутните ризици и вкупниот трошок на задолжувањето. Секој заем мора да биде транспарентен, финансиски оправдан и поврзан со јасно дефинирана намена.

-Намалувањето на инфлацијата не значи враќање на животниот стандард

Годишната инфлација во септември 2026 година изнесува 2,7%. Советот укажува дека забавувањето на инфлацијата не значи дека животот поевтинува. За граѓаните е важно колкав дел од нивните приходи е потребен за храна, сметки, транспорт и домување, а не само колкава е просечната стапка на инфлација. Дополнителен ризик претставува нестабилноста на меѓународните енергетски пазари и можноста за нови ценовни притисоци. Затоа е потребно внимателно следење на цените на горивата и нивното прелевање врз транспортните трошоци, производството и цените на основните производи.

Советот смета дека економската политика мора да се насочи кон заштита на куповната моќ преку предвидлива даночна политика и мерки што ќе имаат реален ефект врз трошоците на домаќинствата.

Економско-финансискиот совет на Левица ќе продолжи со следење и анализа на јавните финансии и економските политики, со цел да понуди конкретни, аргументирани и одржливи решенија во интерес на граѓаните. Јавните финансии мора да бидат инструмент за развој а не механизам за постојано префрлање на финансискиот товар врз идните генерации.