Од почетокот на руската инвазија на Украина, многу медиуми и објави на социјалните мрежи го доведуваат во прашање психолошкиот профил и менталното здравје на рускиот претседател Владимир Путин како можни клучеви за разбирање на одлуките и потезите на официјална Москва.

Дури и некои политичари, како Ангела Меркел, тврдат дека Путин во последно време многу се променил. Некои медиуми, пак, објавија исцрпни психолошки профили на Путин. На некој начин тоа е разбирливо бидејќи јавноста, исплашена од можноста потезите на Путин да предизвикаат Трета светска војна, сака да знае колку тој може да се смета за здрав.

Од друга страна, експертите предупредуваат дека прекумерните анализи на психата на Путин, а со тоа и индиректно војната во Украина, всушност се банализирање на инвазијата и страдањето на Украинците. Исто така, велат тие, тоа е навреда за луѓето со вистински проблеми со менталното здравје.

Се истакнува дека аргументот за ментална болест речиси традиционално се користи за да се толкува, па дури и да се оправда насилството што го вршат некои луѓе, особено мажите.

„Но, дури 30 отсто од луѓето во одреден момент од својот живот се соочуваат со состојба која е доволно сериозна за да се опише со јасна психијатриска дијагноза“, вели за хрватски „Индекс“, Хелена Рашиќ, раководителка на психолошкото советувалиште „Бура“ во Загреб.

Таа потсетува дека војните започнуваат од повеќе политички, економски и други причини.

Појаснува и дека тоталитаризмот дозволува еден човек да ја преземе власта и да ги носи најважните одлуки во една земја речиси сам, но Путин не е сам. Како и повеќето лидери, тој има круг на луѓе кои го поддржуваат.

„Путин е апсолутно одговорен за ужасите на војната, но и целиот негов кабинет, како и многу луѓе од светската политика кои досега го поддржуваа неговото однесување“, објаснува психологот.

„Освен тоа, на овој начин се стигматизираат сите оние кои бараат помош бидејќи се ставени во позиција секој да се доживува себеси како ‘бомба која оттчукува’“, предупредува таа.

Рашиќ вели дека секој човек е способен за најлошите ужаси и за најголемо добро.

„Тоа е потенцијал што сите го носиме во себе. Прашањето е што избираме и што можеме да избереме во некои околности што ни се наметнуваат. Ние, по правило, не сме такви да им наштетиме на луѓето околу нас. Помошта што им се дава на бегалците од Украина и сите што го трпат тоа, покажува дека луѓето првенствено се способни за сочувство и кон тоа тежнееме“, објаснува таа.