На први февруари во Скопје, Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) ќе ја одржи првата седница на своето Собрание во 2025 година, на која делегатите ќе имаат можност да разгледаат и усвојат неколку предлог-одлуки кои треба да овозможат реализација на амбициозната годишна програма за работа на Институтот, усвоена на претходната седница на Собранието.
Постапувајќи согласно препораките на делегатите, во период помеѓу двете седници на Собранието, управниот одбор на ИСОС направи длабинска анализа на економските фактори кои влијаат врз работата на Институтот и од кои зависи износот на законски утврдената годишна членарина што ја плаќаат сметководителите и овластените сметководители, а кој е непроменет уште од 2017 година. Дополнително беше направена и анализа на трошоците што ги имаат правните лица кои вршат сметководствени работи.
„Врз основа на резултатите од ваквите анализи и препораките од делегатите на претходно Собрание, управниот одбор на ИСОС, на оваа седница ќе предложи одлуки преку чија реализација ќе се зајакне организацијата и нејзината способност за исполнување на програмските цели, кои треба да овозможат натамошно унапредување на сметководствената професија во нашата земја“, изјави претседателка на ИСОС, Весна Прентоска.
Една од важните одлуки која се предлага за усвојување на претстојното Собрание е и одлуката за ослободување на правните лица кои вршат сметководствени работи од обврската за плаќање, поради тоа што тие веќе плаќаат индивидуални чланарини.
Исто така, со дел од одлуките што ги предлага управниот одбор се врши усогласување на износот на годишната членарината, која согласно законот ја плаќаат сметководителите и овластените сметководители, со растот на индексот на трошоците за живот (инфлацијата) и на платите во земјата, во периодот од 2017 до 2024 година, како и со намалувањето на бројот на членови на Институтот, најчесто заради пензионирање.
„И покрај влијанието на споменатите фактори, предложените усогласувања на износот на членарината се внимателно балансирани за да се избегне финансиски товар врз членовите, а истовремено да се обезбеди стабилност во работењето на Институтот и ефикасно исполнување на неговите функции и надлежности утврдени со Закон“, додаде Прентоска.
Истовремено, еден од главните приоритети на ИСОС е да овозможи целосно и ефективно усогласување со ажурираните меѓународни сметководствени стандарди кои започнуваат да се применуваат во 2025-та година, како и за имплементација на Меѓународниот етички кодекс на професионални сметководители. Во таа насока, Институтот продолжува со напорите за подигнување на нивото на задолжителната едукација за сметководителите и овластените сметководители со цел унапредување на квалитетот на професијата и следење на меѓународните практики.
Одлуките што ќе бидат донесени на претстојното Собрание на ИСОС треба да му овозможат на Институтот да продолжи со реализацијата на активностите кои водат кон подобрување на статусот и атрактивноста на оваа професија, особено кај младите, што се остварува преку соработка со останатите домашни институции, академската заедница и меѓународните партнери.