Што претставува БРТ (бас рапид транзит) системот на јавен превоз и зошто Град Скопје го избра токму овој модел на јавен транспорт како решение, беа главните прашања на кои одговори денешната презентација на системот за брз автобуски превоз, што се одржа во хотелот „Хилтон“.

На презентацијата присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, помошник-директорот на ЕБОР, Јан Џенингс, сообраќајниот експерт од областа на јавен градски превоз, Никола Крстаноски, сообраќајниот експерт за БРТ, Градимир Стефановиќ, генералниот менаџер на израелската компанија „РОМ транспортејшн“, Моше Хирш, вицепремиерот Љупчо Николовски, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, градоначалници и претставници од невладиниот сектор.

„Целта на денешната презентација е да се обидеме да креираме јасна претстава за јавноста, пред сѐ, за граѓаните како главни актери во урбаната мобилност за тоа што претставува БРТ-системот и зошто го избравме токму овој модел на јавен транспорт како најдобро решение за Скопје. Граѓаните имаат право да ги знаат сите информации за тоа на кој начин се развива градот во кој живеат и колку ќе се подобри квалитетот на живот со воведување БРТ во Скопје“, рече градоначалникот Шилегов.

Тој нагласи дека се гордее што Скопје почнува нова историја во јавниот транспорт, кој, како што рече, ќе гарантира позитивно влијание во заштитата на животната средина и подобрувањето на квалитетот на воздухот.

Со БРТ се воспоставуваат две линии со коридори резервирани само за ултраеколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици.

Проектираната вредност за овие две рути е околу 70 милиони евра, што подразбира и набавка на возилата.