Претседателот на партијата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со членовите на Извршниот комитет, најави дека од следниот викенд ќе одржува директни средби со граѓаните низ државата во рамки на кампањата „Очи в очи за подобро“, која е најавена како континуиран процес до крајот на годината.
Со интензивни посети за време на викендите, од град во град и од населено место до населено место, целта е да се воспостави непосредна комуникација со граѓаните и да се слушнат нивните проблеми, предлози, критики и очекувања.
Преку посетите на општинските и месните комитети, Мицкоски и партиското раководство ќе имаат можност да разговараат со луѓето во нивната средина со цел да се запознаат со различните локални потреби.
Посебна важност во кампањата ќе има двонасочната комуникација, при што граѓаните ќе можат активно да учествуваат во разговорите, да поставуваат прашања и да предлагаат решенија. Отвореноста подразбира да се слушнат и критиките, а не само позитивните оценки.
Акцентот исто така ќе биде ставен и на одговорноста преку конкретни и проверливи информации. За реализираните проекти ќе се посочуваат датумите, доказите и резултатите, за проектите во тек ќе се посочуваат фазата на реализација, цената и роковите, а за проблемите ќе се утврдуваат надлежностите и потребните активности.
Основната порака на кампањата е дека довербата не се гради со општи ветувања, туку со секојдневна работа, присуство на терен, исполнување на обврските и подготвеност да се разговара со граѓаните.
фото Фан страна на Христијан Мицкоски